400 денари за истурената ракија
Posted by filipko on јануари 6, 2012
400 денари за истурената ракија
Со Сашо од приземје од првиот влез Слободан правникот се замери поради петарди.
Една Нова година,десетина дена пред празникот, син му на Сашо од приземје од првиот влез фрлал петарди во влезот на Слободана,Слободан го видел и го опоменал да не го прави тоа,но тој не послушал,напротив добил мотив уште повеќе да пука.Не бил сам,со него имало и други деца,ама Слободан за него се фатил оти татко му отсекогаш правел проблеми во зградата, кога ќе дошло нешто да се плати,се правел беден и за 100 денари,иако секој ден носеше од продавница шишиња со вино што чинат ,барем двојно повеќе од таа сума
-Жено-и велеше Слободан на жена си-види го Сашо не сака за ништо заедничко да плати,а кога е во прашање неговиот ќеф троши без око да му трепне
-Соседите ни се такви,по малку себични,ама не чини за ситни работи очи да си вадиме со нив-го одвраќаше жена му Петкана од лошата мисла и со Сашо да се замери
-Не труди се Петкано да го оправдаш–велеше Слободан-сите се такви,но имаат мерка,ама овој претерал. Се би сторил за својот мев,но кога треба нешто за општо добро да се направи ,се прави прв сиромав.Ми е смечено од него, тој предничи во зградата,кога тој не плаќа,ние плаќаме за него.
Слободан збесна кога го виде детето на Сашо како фрла петарди во неговиот влез
-Петкано знаеш ли колку е една кутија петарди!?-ја запраша жена си
-Не знам
-Е,прашај го Сашо од другиот влез,му купил на синот петарди,а се прави од сиромав -посиромав
-А од каде знаеш дека Сашо ги купил петардите?
-Го прашав и ми кажа,уште се гордее со тоа
-Зошто!?
-Не знам,вчера,кога му префрлив за син му само ми рече дека тој стои зад синот,тој му ги купил петардите и ми рече дека другото не било моја работа.Ама не е така,,син му не ме остава да спијам,се кај нас ја празни кутијата
-Не му кажа дека син му пречи,дека претерува?
-Му кажав,ама син му не престанува,сега пак ќе се симнам и пак ќе му кажам-налутено рече Слободан ги обу чевлите и незагрнат излезе од станот.Не ја ни слушна Петкана како го преколнува ,муабетот да го води со кротко,со благо.
Слободан легна на ѕвончето од станот на Сашо
-Добар ден соседу-го поздрави соседот кој излезе да отвори
-Добар ден-со полуотворена уста му возврати соседот
-Знаеш,соседу зошто сум тука-почна Слободан-нели вчера муабетевме за петардите
-И!?
-Што и ,син ти пак фрла петарди во нашиот влез
-Дете е
-Тој е дете,јас сум возрасен ,ми се спие попладне
-Нова година е
-Не е уште
-Ти уште го браниш
-Син ми е
-Добро,ај што си му ги купил петардите,ама зошто не му речеш да ги фрла на друго место!?
-Ќе му речам
-Зарем вчера не му рече?
-Му реков
-Зошто тогаш продолжува да ги фрла?
-Има некој мерак таму
-Човеку,прибери го син ти ,остај друго, може да се повреди-се обиде Слободан да го заврти разговорот на друга страна,со арно,со кротко,како што бараше секогаш од него Петкана
-Нема да се повреди-го пресече Сашо
-Оти си толку сигурен?
-Го обучив како да ги фрла петардите
-Остај што си му купил петарди,дури си му дал и обука!?
-Да
-Не можам да разберам
-Подобро јас да му купам и да го обучам отколку сам да купи и да му пукне некоја в рака
-Добро,те разбирам се повлече Слободан и си замина дома
Беше вчудоневиден од односот на соседот,но малку логично му се виде неговото објаснение и си рече ,,ќе издржам уште малку,ќе поминат празниците не вреди да се расправам,, после што заспа.
Другиот ден беше сабота,син му на Сашо не беше во училиште и цел ден фрлаше петарди.Слободан го слушна како на другарчињата им се фали дека татко му купил 5 кутии од по сто петарди.Ги нашол ефтино,уште се исценкал за една кутија гратис.Всушност,платил четири, петтата кутија му ја дале беспари.
Немаше раат Слободан цел ден,а до Нова година имаше уште пет дена.
Слушна правникот , од син му на Сашо, од каде ги купил татко му петардите,од еден продавач на семки кој продавал под рака и петарди и му текна што да прави за да се освети.Отиде и тој да си купи петарди.Купи една кутија.Вечерта кога се прибраа децата дома излезе со неколку петарди в џеп и се упати кон другиот влез.Им го запали фитилот на неколку истовремено,ги фрли во влезот и исчезна во темнината.Со себе носеше кеси со ѓубре за да не биде сомнителен.Ако го праша некој што прави,ќе каже дека излегол да го фрли ѓубрето.Силна експлозија се слушна во влезот,но за негово изненадување никој ниту излезе на врата,ниту отвори прозорец,најмалку се потресе Сашо кој го беше пуштил радиото на најсилно и си слушаше музика.
Слободан разочаран си отиде дома.Цела ноќ мислеше што да прави со преостанатите петарди,но ништо не смисли.Му текна другиот ден кога се враќаше од работа.Ја виде жена му на Сашо како остава шишиња со ракија и пиво на терасата.Веројатно им бил полн фрижидерот,а надвор беше ладно и тука ги чуваа пијалаците.
Вечерта Слободан ги фрли петардите на терасата на Сашо.Се стркалаа шишињата.Овојпат експлозијата беше успешна.На терасата веднаш истрча ,најпрво жена му,а после и Сашо
-Се истури ракијата-извика жена му
-Не си го затворила шишето-ја прекори Сашо
-Некој фрлил петарди-му рече жена му
Сашо го нагрна палтото и така ,како што седеше на троседот,во пижами истрча надвор да види кој ја направил белјата
Таму не виде никого освен Слободана како го фрла ѓубрето.
-Ми ја истурија ракијата-извика Сашо
-Деца,си играат-му возврати Слободан
-А,да не си ти детето?-го погледна прашално Сашо Слободана
-Што зборуваш соседу,зарем ми личи такво нешто?
Другиот ден некој што ѕиркал низ прозорец ,а не го мирисал Слободана му кажал на Сашо кој ги фрлил петардите на неговата тераса.
-Ме оштети за 400 денари-извикал Сашо –и веднаш се упатил кон станот на Слободана
-Плаќај ја ракијата-му се втурил веднаш на Слододана штом тој со задоволство излегол да го пречека на врата,дури ја откажал Петкана од таа намера,кога таа по обичај прва тргнала да види кој ѕвони,насетувал дека е рамнодушниот сосед.
-Каква ракија соседу?-го прашал
-Знаеш ти убаво,те виделе како фрлаш петарди
После се фатиле за гуша,излегла Петкана,почнала да писка на сет глас,излегле соседите,едвај ги раздвоиле.Оттогаш Сашо и Слободан не си викаат ниту добар ден.И пред тоа не зборуваа многу,но си велеа така,се поздравуваа со пола уста.Да не се истуреше ракијата веројатно ќе си правеа уште лице и Слободан ќе заборавеше на петардите оти по Нова Година престанаа да пукаат,но тој сакаше како и секогаш работите да ги разјасни, до крај да ги расчисти и работата меѓу нив пукна,но не од негова страна,ами од страната на Сашо.До петардите беше,ама пресудија тие 400 денари за истурената ракија и соседот што го предал Слободана во неговата одмазничка акција
Posted in раскази | 21 Comments »